(Кон  „Пушти ме“ од Катринe Недрејурд, превод од норвешки: Искра Бадева)

Пишува: Елена Копртла

Во нашите девојчински спомени, првите блиски другарувања, излегувања, првата младешка љубов и првите врски, најчесто се сврзани со посесивност, осаменост и понекогаш и исклучување од „заедницата“.

Во романот за млади „Пушти ме“ на Катринe Недрејурд, во носечкиот лик Ана и нејзината „најдобра“ другарка Аманда гледаме односи кои се базираат и развиваат единствено на контрола и манипулација, сè додека не прераснат во булинг и на крај, неизбежно, кулминираат со јавно понижување. Во дружбата помеѓу Ана и Аманда навидум сè е во ред: Ана е срамежливата, „обичната“ девојка која чита книги и која никој не би ја забележал ако не е постојано со Аманда – онаа која е убава, популарна, на која постојано ѝ приоѓаат момчиња, „смешна и остроумна“. Таа врска ќе почне да се развива во друг правец кога Ана ќе го запознае Семјуел, средношколец кој од неодамна се доселува во Тана.

По малку стереотипен почеток на приказната која наликува на американските филмови и серии за средношколци. Но, во ликот на Ана и нејзините односи со останатите ликови, авторката има многу подлабок пристап од таквата генеричка приказна. Ана има сложени односи со својот идентитет: таа е половина Сами – домородни жители кои населуваат еден огромен културен регион во Норвешка, Шведска, Финска и полуостровот Кола во северозападна Русија. Има и половина турско потекло (иако никогаш не го запознала својот татко) и постојано е во преговори со својот идентитет, во конфликт со одржувањето на културните традиции на својот народ и во постојана борба да биде како сите останати:

„Сами-Ана. Лап-Ана. Ох, да не е таа и нешто друго? Не треба ли да биде Арапка-Сами-Ана? Ме чеша, таа носија. И на мене личи на костим. Неприродно. Изнасилено. Преправено.“ стр. 40

„Ако се тргнат Сами носијата и мојот мистериозен татко, а останат само цртите на лицето, тогаш изгледам сосема обично. Ништо не се истакнува. Сѐ е просечно.“ стр. 64.

Врската помеѓу Ана и Семјуел е она што ќе го разгори конфликтот со Аманда. Таа е мајстор за понижување преправено како грижа, а сега повеќе нема контрола, што инаку интелигентната Ана не е во состојба да го види сè додека неколку соученици не излезат со опипливи докази.

По инцидентот на социјалните мрежи кој ќе ја исклучи Ана од досега познатиот круг на пријателства, крајот носи задоволство. Доаѓа летото и распустот, ќе дојдат нови, вистински пријателства, а Ана конечно се прифаќа себеси. Таа е Сами, припадничка на култура со извонредна приказна за адаптација на екстремни средини, истрајност и покрај вековите колонизација и присилна асимилација.

„Пушти ме“ е многу реалистичен и провокативен роман. Во време кога речиси секојдневно се среќаваме со онлајн, но и физичко насилство помеѓу младите, оваа книга би било пожелно да се смести меѓу задолжителните наслови во училиштата.


Напишете коментар