(кон „Деветтиот живот на принцот на мачките“ на Дора Гимеши и Каталин Сегеди, превод Златко Панзов)
Пишува: Елена Копртла

Во „Деветтиот живот на принцот на мачките“ авторката Дора Гимеши сместува две модерни бајки во современа Унгарија. Две приказни за два града – Будимпешта и Сегедин, две љубовни приказни помеѓу две самовили и два принца.
Гимеши поаѓа од женската позиција во градот; таа се среќава со градот, со неговите познати и помалку познати точки и го менува својот, но и животот на градот, чекор по чекор. Водната самовила во „Кога запре времето во градот“ и пролетната самовила Алинка во „Деветтиот живот на принcот на мачките“ се фланерки, сосема различен концепт од она што е фланерот; фланерките ги доживуваат и истражуваат градовите на сосема независен и уникатен начин.
Така, во „Кога запре времето во градот“ водната самовила во новите патики со шари како бубамара чекори од ридот Гелерт преку Синџирестиот мост и мостот „Ержебет“, од Пешта кон Будим и обратно, улиците низ цeнтарот, до островот Маргит, потоа до плоштадот „Верешмарти“, до Октогон и Плоштадот на хероите. Самовилата Алинка, пак, е најубавата пролетна самовила на целиот плоштад „Маќаш“, во целиот Долен град на Сегедин, град кој на „странците, возрасните и дојденците, им изгледа како и сите други градови.“ (стр. 27)
Овие две фланерки ги користат градовите како простори за перформанс или како скривалишта; како места за барање слава или анонимност; како места за ослободување од угнетување или за помагање на оние што се угнетени; како места за прогласување на независност; како места за промена на светот или себеси и конечно, промена заради љубов.
Станува збор за еклектично дело во кое со впечатливите илустрации на Каталин Сегеди се обраќаат истовремено на младата и возрасната публика, тематизирајќи трансформативни средби кои ги предизвикуваат фиксни идентитети и погледи на светот. Раскажувањето на Гимеши е пример за тоа како бајките можат да останат резонантни во денешно време, без да посегнат кон кичот.
Илустрации: Каталин Сегеди






Напишете коментар