Разговарала: Ана Јовковска

ИСКРА БАДЕВА
МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ Е КЛУЧНА ТЕМА ЗА СИТЕ, НЕ САМО ЗА МЛАДИТЕ

АЈ: Книгата За младоста (Чудна шума, 2024) од норвешката глумица, комичарка и писателка Лин Скобер, илустрирана од наградуваната уметница и писателка Лиса Аисато, во ваш превод од норвешки јазик, прави одлична анализа на врсничките проблеми, предизвиците на родителството, трансформациите и модерното општество во кое недостигаат топлина и сигурност. Има и еден одличен цитат во книгата: „Норвешка е бела памучна кошула, со гомненици и излеана нафта и крв на неа“. Ми се чини како целиот свет сè повеќе да станува такво место, за жал. Младите ни се единствената надеж. Како ја доживеавте книгата?
ИБ: Оваа книга е создадена од собрани материјали кои авторката ги добила преку разговори и дружење со млади луѓе, па од тој аспект сите текстови се автентични размислувања и доживувања на тие лица. Прикажани се како зрели и храбри адолесценти кои се соочуваат со врснички и семејни проблеми, се обидуваат да се откријат себеси и своето место во општеството, кое станува сè понегостољубиво и непријатно за живот. Иако можеби Норвешка важи за модерно и современо општество, во поглед на интеграција, сигурна иднина и здрава животна средина, Скобер ни покажува дека сепак не е толку сјајно, дека и таму младите се соочуваат со големи проблеми и во текот на школувањето и во слободното време. Потенциран е и јазот меѓу генерациите, универзалното неразбирање на младите од страна на родителите, нешто што можеби сепак само така им изгледа во тој момент. Во секој случај, книга која иако е базирана на животот во Норвешка, резонира со младите каде било во светот.

Проблемот на меѓуврсничко малтретирање е широко распространет насекаде. Грижата за менталното здравје мора да почне од домот и да продолжи да се негува на училиште и во меѓусебните односи на младите.
АЈ: Ја преведовте и книгата Пушти ме (Чудна шума, 2025) од норвешката драмска писателка и авторка Катрине Недрејурд, роман за токсичното пријателство, нееднаквоста и потребата од припаѓање. Главната хероина Ана е половина Сами и половина Турчинка и има проблем да се приспособи на средината. Често, таа е во сенка на нејзината пријателка Аманда, која одлучува за сè. Менталното здравје на младите е клучна тема во секое општество. Кои други работи се важни според вас?
ИБ: Менталното здравје е клучна тема за сите, не само за младите. Исто така меѓу поважните нешта е и ослободувањето од таканаречените генерациски трауми, тема што исто така се среќава во овој роман. Грижата за менталното здравје мора да почне од домот и да продолжи да се негува на училиште и во меѓусебните односи на младите. Проблемот на меѓуврсничко малтретирање е широко распространет насекаде и тоа е всушност и главната тема за која зборува Недрејурд. Ана е жртва и на ментално и на сајбер насилство од страна на своите соученици и најдобрата другарка. Присутна е и дискриминацијата во однос на потеклото на Ана. Самите се малцинство што не е многу добро интегрирано во општеството, а во случајов Ана е мешавина од Сами и Турчинка.

Колку посложен текст, толку ми е поинтересен за работа. Си поставив и нов предизвик, да научам корејски и јапонски.
АЈ: Преведувате од англиски, норвешки, шведски, дански и од фински јазик и досега имате изработено педесетина преводи од актуелни скандинавски автори. За својата преведувачка работа ја добивте наградата „Златно перо“ за 2011 година која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Макадонија. Имате работено како уредничка и преведувачка и во издавачката куќа „Табернакул“. Од спектарот на професионални предизвици што ви е најважно?
ИБ: Од професионална гледна точка најважно ми е одржувањето на високо ниво на превод. Во поглед на квалитетот на работата никогаш не правам компромис. Уживам кога ќе ми се појави некој предизвик и кога успешно ќе го решам, без разлика од каков тип е. Во основа, колку посложен текст, толку ми е поинтересен за работа. Си поставив и нов предизвик, да научам корејски и јапонски, па во пауза меѓу две книги се посветувам на таа цел.
ДАРКО СПАСОВ
БЕЗ МАТЕЊЕ НА ИЗВОРОТ

AJ: Човек со многу интереси, но пред сè дипломиран филолог и магистер по драматургија. Преведувате книги за деца и за возрасни веќе дваесет и пет години и досега сте превеле над осумдесет прозни, драмски, поетски и театролошки дела од словенечки, но и од англиски на македонски јазик. Меѓу нив се вбројуваат авторите: Тадеј Голоб, Вероника Симонити, Драго Јанчар, Петар Светина, Броња Жакељ, Питер Брук, Нил Сајмон, Барабара Хануш и други. За превод на пиесата „Брана“ од Конор Мекферсон во 2019 година ја добивте втората награда на Еуродрам. Што го прави еден преведувач добар?
ДС: Прераскажување „со свои зборови“, достојно, и без матење на изворот. За кој било преведувач пред сѐ е нужно да го си негува мајчиниот јазик, во мојот случај македонскиот, и преводот мора биде оружан или облечен според изворникот, дали со архаизми, локализми, колоквијален јазик, како било, но мора да има хармонија со изворникот. Нема место за слобода и преведувачот не смее да си дозволи да „тртне нешто од прва“, со умисла: се разбира од контекст. Мене патрон ми е и силно ми се врежа преводот на Огнен Чемерски, на Моби Дик од Херман Мелвил. Одличноста е во дисциплината, истражувањето, љубовта.
Преведувањето е како веење на ожнеаното.
АЈ: Оливера Ќорвезироска вели дека „книжевноста за деца е длабоко орање“. А преводот на книжевноста за деца?
ДС: Да останам во синхронија: за мене е како веење на ожнеаното. Преведувањето книжевност за деца и младинци е како воспитување и пресретнување на детскиот свет, кој е толку чист и едноставен, со отворено срце… Добриот наслов и илустрацијата на корицата несомнено помагаат за првиот впечаток, но никогаш не се суди по корицата. Суштината е внатре.

Будноста и сочувството за светот околу нас ни го одредува степенот на мир и ронката среќа.
АЈ: Ја преведовте илустрираната книга за деца Овде, во близина живее едно девојче (Чудна шума, 2023) од Ида Млакар Чрнич и Петер Шкерл. Приказна за едно поинакво девојче и за нејзиното симболично исчезнување низ дванаесетте месеци од годината. Книгата ни го открива грдото лице на консумеризмот наспроти сиромаштијата, односот кон поинаквите, ја легитимира тагата како емоција, но во исто време е силен аларм за потребата од емпатија и солидарност. Емотивна приказна што нè учи зошто е важно да ги гледаме и да ги прифаќаме различните луѓе од нас. И ако тагата е доминантна емоција во оваа прекрасна приказна, низ какви емоции минувавте кога ја преведувавте? Што најчесто ве прави гневен и разочаран? А што ви дава надеж во животот?
ДС: Животот умее да прави чуда. И да поставува стапици. И да ни придаде сопатници, другари, пријатели, непријатели. Премудро создадениот свет, во раскошот околу нас нуди избор за сопатници при неповторливиот пат. А од нас самите зависи. Сето тоа е врежано подлабоко од нас. Овде би го парафразирал премудриот Штулич: Велат вкусот е карактер а карактерот судбина. Будноста и сочувството за светот околу нас ни го одредува степенот на мир и ронката среќа. При преводот на Овде, во близина живее едно девојче ми се вратија солзите, тешко нам без нив. И за арно и за недај боже лошо, нека ги има. Душата само така ја препознава убавината и така знае да го оддели како каколот од семето. А ме разочарува помислата дека ако ништо не направиме луѓето ќе престанат да читаат знаци, книги, луѓе, ѕвезди, неба, и дека ќе оглушиме.
РОДНА РУСКОВСКА
НИЗ ПРЕВЕДУВАЊЕТО КОПАМ ПО СВОЕТО ИНТИМНО ЈАС

АЈ: Работите како самостоен и судски овластен преведувач за шведски и англиски јазик. Тековно и на неколку шведски модерни литературни преведувачки проекти. На македонски јазик го преведовте романот Куќа без огледала (Чудна шума, 2024) и графичкиот роман за млади Да се биде јас (Чудна шума, 2025), а меѓу шведските автори што сте ги превеле се делата на познатите и наградувани Селма Лагерлеф, Ана Хоглунд, Астрид Линдгрен, Стиг Дагерман, Ане Свард, Оскар Крун, Сара Лундберг и други. Релацијата илустратор-автор е клучна за книгите за деца. Кокошката или јајцето. Сепак, на оваа спрега е и релацијата автор-преведувач. Што е потребно за да се осознае пишувачкиот сензибилитет на авторот?
РР: Потребно е да слушаш, да наслушуваш, да се препуштиш, да го почувствуваш ритамот на зборовите, не само нивното значење, да ја забележуваш секоја нијанса, секоја нејзина намерност и случајност. Некако, да станеш тој, да не се наметнуваш премногу себеси, да ги почитуваш неговите одлуки при избирањето на изразот, зборовите…

Време е за ревидирање на лектирите. Младите треба да читаат ваква литература…
АЈ: Графичкиот роман за млади Да се биде јас (Чудна шума, 2025) одавторката и илустраторка Ана Хоглунд, што го преведовте од шведски јазик, е приказна за растењето во неколку поглавја, којашто преку нарацијата и провокативната стриповска уметност успева да ги компресира сите теориски знаења за патријархатот, да ги сублимира сите родови неправди и да биде импулс за рамноправен свет. Со раскажување во прво лице во сегашноста, младата хероина Роса, поместува временски и просторни линии и нè потсетува на дискриминацијата која влече корени од далечното минато. На толку едноставен и директен начин го опишува интернализираното чувство на вина и осаменост кај девојчињата и жените. Фантастично, цел феминизам спакуван во еден стрип! Какво искуство ви беше преведувањето на овој графички роман? И кои паралели ги повлековте со реалниот живот низ процесот на преведување?
РР: Дека тој графички роман ми бил потребен цел живот и дека после сето животно искуство, убаво ми е кога гледам такви илустрации во комбинација со толку едноставни зборови, со толку нормална љубопитност и заклучоци – тоа ослободува. Тој е како огледало; не случајно првата илустрација е таа што е – огледало испитувачки вперено кон половиот орган.

Преведувањето ми е многу интимен процес. Интимен однос со авторот, со ликовите, но и со издавачите и уредниците.
АЈ: Да се биде јас е проклето тешко! Ќе се согласите ли? И што би сублимирале во вашето преведувачко ЈАС, а што во интимното ЈАС?
РР: Да, на сите им е проклето тешко. Затоа е добро кога отворено се дискутира за тоа. Време е за ревидирање на лектирите. Младите треба да читаат ваква литература, а јас да им ја пренесам најдобро и најприродно што можам. Мене преведувањето ми е многу интимен процес. Интимен однос со авторот, со ликовите, но како што сѐ повеќе сознавам и со издавачите, уредниците… Копам по своето интимно јас, го доживувам тоа што зборовите биле наменети да го разбудат. Се чувствувам како дел од едно заедништво со издавачот, авторот и со идните читатели. Најпосле, животот не е соло-проект, па така ни ништо во него.






Напишете коментар