Разговарала: Елена Копртла


Хрватската илустраторка Хана Тинтор е авторка на илустрациите на двете сликовници на Ива Безиновиќ – Хејдон „Мојата бабичка не знае која сум“ и „Каде се крие Ведран“, но и на илустрациите на „Најмалиот остров на светот“ на Билјана Црвенковска, сите во издание на „Чудна шума“. Од сликовници за деца и млади, до анимирани филмови и видео спотови, портфолиото на Хана е говори за нејзината сестраност и уникатен уметнички сензибилитет. Значаен пресврт во нејзината кариера се случил на Универзитетот Англија Раскин, каде што се запишала на магистерски студии на одделот Book and Ilustration Arts .

„Мојата бабичка не знае која сум“ и „Каде се крие Ведран“ зборуваат на многу чувствителни теми за кои не зборуваме со децата, за староста, загубата, смртта.  Како се одвиваше процесот на илустрирање; самата споменуваш дека сакаш филмско кадрирање кај илустрациите. Ива спомена дека за „Ведран“ не ги видела илустрациите додека не биле готови. И каква е вашата соработка?

Процесот на илустрирање за сликовниците на Ива е едноставен затоа што ги сакам нејзините текстови и стил на пишување. Добро ми „легнуваат“, веднаш можам да ги визуелизирам. Нејзините текстови не ги опишуваат премногу ликовите и каде тие се наоѓаат, што значи на мене е да го изградам тој свет. Двете сликовници кои ги споменуваш се особено емотивни и зборуваат на теми кои се дел од животот и неизбежни – затоа и Ива и јас сметаме дека е важно за нив да се зборува со децата, а овие сликовници можат да бидат поттик.

Кога ja илустрирав „Каде се крие Ведран“, веднаш знаев што сакам да направам. Поради краткиот текст, ги замолив издавачот и Ива сликовницата да биде делумно „тивка“, односно на некои страници да не постои текст. Сакав таа сликовница и понатаму да има многу простор, илустрациите да бидат „мирни“, но и апстрактни – баш како и чувството на загуба, кога не ни е сосема јасно дека некој веќе го нема.

Заедно работевте на уште една сликовница за млади „Јас против себе“ која влезе во каталогот White Ravens за оваа година. Со оглед на тоа што темата  е женскиот бес, а Ива спомена дека процесот на создавање бил во период кога и двете сте имале некои лични тешкотии, па претпоставувам дека и твојот пристап бил поинаков бидејќи книгата е наменета за тинејџери.

Пристапот кон илустрациите не беше ништо поинаков. Тргнав со запишување на асоцијации и скицирање, градење на светот и атмосферата во тој свет – а сето тоа се темели на текстот на Ива секако. За разлика од „Мојата бабичка…“ и „Ведран“, овој текст  духовит и разигран, а илустрациите се тие кои го следат.

Процесот можеби беше поинаков само затоа што мене баш кога работев ми се вкочани грбот! И тоа толку силно што тоа вкочанување траеше колку и самата работа на илустрациите. Болката и непријатноста во текот на цртањето донесоа и доза на сомнеж, поради што често ѝ се јавував на Ива да ја прашам дали сум на добар пат со идеите. За првите две никогаш не сум ѝ се јавила, бев потполно сигурна во она што го работам.

Многу сум среќна што „Јас против себе“ е толку успешна – не беше лесно да се илустрира!

Илустраторка си на сликовницата „Најмалиот остров на светот“ на Билјана Црвенковска. Имаше ли некакви препреки со оглед на тоа што станува збор за јазик кој не го говориш и авторка со која работиш првпат?

Текстот го добив на англиски и многу ми се допадна. Не знам македонски па не знам колку е поинаков преводот од оригиналот, но тоа не претставуваше проблем. Работејќи на оваа сликовница се вратив на цртањe на хартија што не сум работела од „Ведран“. Повторно предложив неколку страници без текст и Билјана, на моја радост, го прифати предлогот. На сликовницата со мене работеше и младата илустраторка и дизајнерка Маја Сокиќ. Таа го дизајнираше текстот, така што јазичниот дел за неа беше поголем проблем, но заврши одлична работа.

Оваа година во „Фрактура“ беше објавен „Девојки“ („Cure“), збирка документарни графики за женското пријателство во триесеттите, нивните односи, егзистенција, сексуалноста, различностите. Какви се твоите „Девојки“?

Да, тоа е збирка документарни графики, а се белешки од разговорите со моите пријателки. Во времето кога настануваа, нè мачеа прашања за растењето и односите, за финансиите и осамостојувањето од родителите, прашањата за сексуалноста и различностите. „Девојките“ се миленијалки, растевме во развојот и менувањето на социјалните мрежи па нас и нè збунува создавањето на друга реалноста на туѓите екрани. „Девојки“ се мои пријателки кои меѓу себе не се дружат, а се познаваат само од мои родендени и изложби. Со секоја од нив поминувам време на различен начин и за секоја од нив ме врзува некоја друга историја. Со некои пријателството со тек на време се разводнило, а со некои трае од детството. Без оглед на тоа, со секоја постоеле моменти кои ми биле важни и затоа одлучив да ги илустрирам за да останат трајно забележени. Цртајќи ги нашите разговори ми беше важно да ги уловам емоциите во интеракцијата и односите – среќа, тага, збунетост, лутина, мудрост, поддршка, емпатија.

Ме интересира малку повеќе твојата работа на филмови, или поточно анимации, како и на видео спотови. Исто така, и за курсот по куклен театар во „Загребачко казалиште младих“; очигледна е твојата сестраност и интерес за различни медиуми.

Сосема случајно влегов во светот на анимацијата. Додека студирав во Велика Британија, почнав да експериментирам со подвижни слики и објавував кратки видеа на социјалните мрежи. Драшко Ивезиќ ги виде и ме покани да работам на филмот на Марко Џешка „All those sensations in my belly“. Учев преку работа, а подоцна направив оригинален филм „The sea of thoughts“. Анимацијата е долга, бавна и напорна работа што бара многу трпение. Затоа имам голема почит кон аниматорите. Работејќи на овие филмови, научив дека многу повеќе ми се допаѓа илустрацијата и дека ми треба повеќе одмор и простор помеѓу анимираните проекти. Уживав работејќи на музички видеа затоа што тие бараат сосема поинаков пристап од оригиналниот филм. Во видеата, музиката е во фокусот, а анимацијата е тука за да ја нагласи, да ја сврти и да ѝ даде ново значење. Слично на сликовниците!

На кукларство во ЗКМ одев како дете, од својата четврта до шеснаесетта година и сигурна сум дека тоа влијаеше во мојот кариерен избор и воопшто правец кон кој би сакала да се движам. Имав среќа што моите родители ме запишаа во театар, бидејќи таму од рана возраст научив да импровизирам, да се изразувам, да си играм и да се соочам со тремата и возбудата.

photo: Vanesa Pandzic/Cropix

Неизбежното прашање е, секако, кои се вашите омилени илустратори и аниматори и омилени сликовници (или стрипови, графички новели)?

Постојат многу илустратори на кои им се восхитувам и кои влијаеле врз мене: Жан Жулиен, Кристоф Ниман, Брајан Реа, Адриен Адамс, Цвијета Јоб, Недељко Драгиќ… Ги обожавам световите на Студио Гибли, а „Over the Gadren Wall“ од Патрик Мекхејл е сè уште најдобрата анимирана серија во последните неколку години. Кај стриповите, најмногу ме импресионираше „BLAST“ од Ману Ларсене, иако сè уште го откривам светот на стриповите и графичките новели :).


Напишете коментар