Разговарала: Ана Јовковска


ЈАЗИКОТ Е ЖИВ ПРОЦЕС ПОВРЗАН СО ЕМОЦИИТЕ

АЈ: Ве знаеме како позната славистка и македонистка, но покрај работата како уредничка и преведувачка на босански, хрватски, српски и македонски јазик, активна сте и како поетеса и писателка. Всушност, имате работено различни професии, како библиотекарка, новинарка и професорка по германски јазик, а сте толкувале и во психосоцијално советувалиште за мигранти. Лудвиг Витгенштајн напишал: „Границите на мојот свет се границите на мојот јазик“. Со кои граници не можете да се помирите?

КМ: Ова е филозофско прашање кое не е лесно да се одговори. Цитатот на Витгенштајн го разбирам дека ние, луѓето, во нашиот живот размислуваме во термини, а дека термините нѐ обликуваат и ние ги обликуваме нив. Тоа значи одредено ограничување на нашиот световен или мисловен хоризонт, бидејќи перцепцијата се случува на субјективно ниво преку термините. Мислам дека овие граници на субјективната перцепција ги надминуваме преку комуникација, која, пак, понекогаш може да доведе до недоразбирања, како што јас често сум искусила во моите активности, во кои зборот е основата на сè. На часот по германски за мигранти понекогаш работев со сликовитост, прикажував фотографии, работи кои визуелно се исти на сите јазици, така што сите можеа да замислат за што станува збор. На сличен начин функционираат илустрациите во детските книги. Комуникацијата помага да се разбере другата личност и тоа е особено важно во денешно време. Исто така може да „слушаме“ со тоа што на лицето на соговорникот „читаме“ како во книга.

При преведување различни текстови или при толкување психосоцијални консултации за мигранти и мигрантки… постојано се соочував со граници со кои тешко можев да се помирам. Тука стигнувам и до чувствата. Јазикот е жив процес што истовремено е поврзан со емоциите. Мислам дека јазикот ја ослободува својата полна сила не само кога го размислувам, туку и кога го чувствувам.

Понекогаш наоѓам ограничувања на моите способности или можности и со тие граници не се помирувам, туку тежнеам кон совршенство кое, за жал, не постои. Постојат и работи кои не можат лесно да се изразат со зборови, но се подразбираат помеѓу редовите. Ние ги изразуваме нашите емоции без зборови. Ајде да видиме како едно мало дете, кое уште не знае да зборува, комуницира преку гестови. Се сеќавам како мојот син, кога беше мал, комуницираше со мене на свој јазик на звуци, кој само јас го разбираев, и во кој ја изразуваше својата внатрешна светлина, што сакаше, што го оптоваруваше или го радуваше. Подоцна ги запишав тие посебни звуци, кои сè уште не беа вистински зборови, како спомен за тоа што го радува денес. Ние, возрасните, можеме да научиме нешто од децата. На пример, две деца кои зборуваат различни мајчини јазици се приближуваат едно до друго преку заедничката игра.

Сепак, важно ми е при пишувањето и преведувањето да најдам точни зборови, што има врска со креативноста и имагинацијата. Оваа креативна сила не е секогаш присутна или не е секој ден во мера во којашто ја посакувам, и тоа е ограничување со кое тешко можам да се помирам во конкретниот момент. Tогаш морам да изберам друга активност, да го оставам креативниот текст неколку дена настрана и да го „починам“, додека креативната сила повторно не ми се врати, односно кризата не помине, освен ако се работи за вистинска „блокада на пишување“, а тоа е ограничување кое ме доведува до очај.

При преведување на книжевни текстови, за мене емпатијата е исто така многу важна, сакам да се ставам во улогата на авторката или авторот и да се обидам да ја пренесам нивната намера на германски јазик. Генерално преведувам само автор(к)и чии дела ми се допаѓаат и чии намери и книжевни средства можам емоционално да ги разберам. Кратко речено: тие што ми „лежат“ и за кои сум возбудена. Прекрасно искуство е да се градат мостови, книжевни и човечки… и да се надминуваат граници. Затоа ја нареков мојата лична веб-страница „Literarni Most“, книжевен мост.

Ние ги изразуваме нашите емоции без зборови.

AJ: На германски јазик ја преведовте илустрираната книга за деца Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград од авторкатаБилјана С. Црвенковска и илустраторката Нита Муча. Билјана Црвенковска вели дека „книжевноста за деца треба да маѓепса, но и да растресе. Да навлезе во суштината на детското битие и да одговори на сите негови прашања – на оние што ги поставува гласно, но и на оние што се плаши да ги постави. Таа не смее никогаш да го држи детето во заштитен меур, под стаклено ѕвоно, да му го претставува светот низ розови очила и да не одговара на сите оние важни прашања“. Книжевноста за деца нужно мора да создава или идентификација или емпатија, а добрата книжевност за деца (онаа најдобрата) мора да те крене високо и да те нурне длабоко, да ти го освои срцето и потоа, до крајот на животот, да остане во него. Затоа, таа е најтешка за пишување“. Како ја доживеавте книгата Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград? И каква авантура беше преводот на истата?

КМ: Тоа навистина беше авантура! Претставуваше предизвик за мене, бидејќи со децении преведувам пред сè поезија, а во последно време и романи за возрасни и тоа беше нешто ново за мене. Возбудлива и тешка работа. Се обидов да го преведам на исто толку прекрасен и прифатлив јазик за децата и да ги пренесам стилските средства кои беа сосема нови за мене, со многу самокритика и со чести преработки на текстот. Во тој процес и јас длабоко се впуштив во светот на Стела Дарк и нејзините пријатели, при што, сеќавањето на детството на мојот син ми помогна да ги почувствувам детските души. Во оваа книга се кријат скриени социјални пораки, одговори на вознемирувачки прашања и длабоки емоции, кои се изразени со други уметнички средства, но се подеднакво интензивни и го допираат срцето на децата, но и на возрасните. Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград за мене беше авантура со самото тоа што мора да се чита од задната страна, што беше необично при преведувањето. Исто така, наоѓањето на одредени термини, како на пример преводот на фантазиските имиња што се појавуваат во приказната, претставуваше предизвик за мене. На пример „Сретково“ за што ми беше потребна имагинација и креативност. Покрај тоа, ми беше ново да внесам и мала доза на  хумор за деца, на пример во профилите на Стела и нејзините пријатели, како глувците, бубачките, пајаците, чудовиштата… Во тоа време се надминав самата себе, што би можело да се нарече уметничка слобода. На пример, тоа што омилениот пијалок на Стела е зовриена жабја плунка со лимон и цимет, а омилената храна се бонбони од пајажина и печен шеќер, и што нејзиниот старател е Чупи, најслаткото чудовиште на светот, беше за мене ново искуство во преведувањето, при што размислував за германскиот збор „Vormund“ („старател“) и дали може да не е погоден за деца – па го сменив во: „Beschützer“ („заштитник“), бидејќи верувам дека децата ќе го поврзат со повеќе нешта. Зборот „Vormund“ ми се чинеше преопшт, правен и застарен. Детската литература, всушност, е предизвикувачка за пишување и преведување, дури и кога зборовите изгледаат едноставни, поентата треба да биде „спакувана“ на начин погоден за деца. Да се дојде до такви одлуки исто така значеше многу време. Многу ми беше драго што ја преведов оваа книга, бидејќи ми се допаѓаат пораките што ги содржи – против предрасуди и дискриминација, или да се извлече од книгата Малиот принц од Антоан де Сент Егзипери: „Со срцето се гледа добро, суштинското е невидливо за очите. Стела Дарк е книга за храброст и пријателство, како и за инклузија, и тоа се важни пораки. Оваа книга го освојува срцето.

Ние, возрасните, можеме да научиме нешто од децата. На пример, две деца кои зборуваат различни мајчини јазици се приближуваат едно до друго преку заедничката игра.

АЈ: Исклучително важно е од најрана возраст да се работи на развивање на читачките навики кај децата. Тие навики се развиваат во домот, на училиште и преку воннаставните активности – разни работилници, читачки клубови, промоции на книги… но и со добри преводи.  Како се преведува односно како се доловува емпатија при преводот? И како да се наштима тонот на авторот, топлината на зборовите и нивните калории во емотивна смисла, за сето тоа да е блиско до најмалите читатели?

КМ: Благодарение на имагинацијата на јазикот на Билјана Црвенковска и на извонредните илустрации на Нита Муча, децата можат да навлезат во светот на ова девојче, можат да се идентификуваат со Стела и можат да чувствуваат и да имаат емпатија заедно со неа и нејзините пријатели. Фасцинантно ми е што авторката во одредени делови од приказната како раскажувачки глас директно влегува во дијалог со децата. Почувствував на кои места на авторката ѝ е многу важна топлината на нејзините зборови и нивното емотивно влијание да им се пренесат на децата. За да се постигне тоа и во преводот, за да се пренесе емпатијата при преведувањето, се обидов да најдам исто така емоционални (исплашени, уплашени, тажни, среќни) еквиваленти на зборови, како што таа фантастично успева во својата книга. Билјана е одлична авторка на детски книги, но исто така пишува и за возрасни. Го преведов и нејзиниот роман Девет приказни за госпоѓица Сит (германски наслов: „Die neun Monde der Miss Sith“), кој годинава беше објавен од Mitteldeutscher Verlag, како што пред две години беше објавена детската книга Стела Дарк. Назад кон детската книга: Авторката развива позитивен јазик, таа емпатично се обраќа кон децата, нејзината публика, кон нивните можни чувства, кои ги набројува – и тука се потребни изрази погодни за деца, кои исто така ги барав во мојот мајчин јазик и се надевам дека ги најдов – со емотивни повици, на пример: зборот „страшно“ и „бррр“ (тука подолго размислував какви звуци користиме ние во Германија) за чудовишта и духови – „ууу и уах“ – или „страшно“ или „игитигит“, ако авторката претпоставува дека некои деца прво ќе чувствуваат одвратност. Таа го пренесува тоа (и јас се обидов и на германски) со позитивни мисли. Од една страна, стравот или гaдното се сосема природни и истовремено веќе во едно од своите први важни објаснувања како раскажувач во прво лице, пријателски им вели на децата, дека сите ние најчесто мораме целосно да го отвориме срцето за да бидеме без стереотипи. Овој позитивен јазик, оваа емоционалност на Стела, на пример кога таа е тажна и директно се обраќа до децата (или во својот дневник), создава врска со младите читатели кои можат да се идентификуваат со главната хероина, но во текот на приказната ги учат и нејзините пријатели, стаорци, стоногалки, жаби и други суштества кои се прикажани како ликови и стануваат допадливи. Авторката позитивно го насочува вниманието кон овие „потиснати, сиромашни суштества, кои се бесцелно омразени од многу луѓе“, а децата развиваат сочувство кон овие жители, можеби дури и ги сметаат „cool“ – и тоа е уште еден збор кој го вградив во преводот затоа што често го слушам како им го кажувам на децата. Во јазикот на младите, „cool“ се користи за емоции како восхит и одобрување, а овие суштества во приказната се однесуваат смирено и херојски во тешки ситуации. Тие ја штитат Стела и замокот во кој живеат, кога принцезата Роза од „Сретково“ („Glücks-York“) го напаѓа Страшкоград („Gruselstadt“) заедно со жителите на соседното „Скржово“ („Geizsiedlung“). Заедно успеваат да го одбранат Страшкоград, а Стела дури наоѓа и човечки пријател, Нино, кој доаѓа од „Скржово“ за да ѝ помогне и кој е многу несреќен бидејќи е нем и децата го гонат и му фрлаат камења. Со денешен јазик би рекле дека момчето е малтретирано. Радоста за овој нов пријател, Стела ја изразува во нејзиниот дневник со зборот „мрактастично“, а овде во мојот превод направив мала игрица со зборови: коренот на зборот е „мрак“ („finster“) – а вториот дел од зборот е „фантастично“, кој го изведов од германскиот придавка „fantastisch“. „Mрактастично“ вели Стела кога е среќна. Или, пак, го пишува тоа во својот дневник, со кој понекогаш исто така директно комуницира, затоа што пишува: „Wow!“ – исто така збор од младинскиот говор и израз на изненадување. Девојчето сираче се вика Стела Дарк или Ѕвезда Мрак („Stern der Finsternis“), со корените на зборовите „темно“ и „мрачно“ авторката игра на детски начин, а јас се обидувам да најдам сличен емоционално обоен избор на зборови на германски и си претставувам како децата би можеле да реагираат на тоа – идните мали читатели кои ќе ја доживеат оваа приказна и со чувства. Насловот на второто поглавје е „Лажниот сјај на Сретково“ и тука морав да го истакнам контрастот во изборот на зборови, бидејќи надворешно убавата Роза внатрешно не е убава, туку злобна и таа ја мрази Стела. И името на блиската населба, Скржово („Селото на скржавците“ / „Geizsiedlung), е избрано од мене така, бидејќи децата можат да замислат нешто под придавката „скржав“, затоа што тоа го познаваат од својот свет или од светот на возрасните. Со оглед на интерпункциските знаци, кои се важни за пренесување на емоциите, прецизно се придржував како што е во оригиналниот текст. Дури и во текстуалните пасуси каде раскажувачката во прво лице, односно авторката, се обраќа на најмладите читатели, на пример во „важните објаснувања“ на почетокот, знаците за интерпункција и изразите на чувство играат важна улога. Кога Нино се враќа за да го ослободи Страшкоград, заедно со жителите од Скржово, таа кажува или пишува во својот дневник за овие храбри херои: „Mрaaaцк и и!“ –три пати буквата ,a‘ и oсум пати ,и‘.

Со Билјана имавме неколку заеднички читања во повеќе германски училишта, така што можевме лично да ги искусиме реакциите на децата. Стела е хероина со која децата можат да се идентификуваат.

При преведувањето, чувствував многу емпатија кон Стела и нејзините пријатели, како и кон децата кои ќе ја читаат оваа приказна, и се обидов да ја пренесам топлината на зборовите на авторката и нивното емотивно влијание преку соодветен и понекогаш играчки избор на зборови, за да им биде блиску на најмалите. Со Билјана веќе имавме неколку заеднички читања во повеќе германски училишта, така што можевме лично да ги искусиме реакциите на децата. Тоа беше толку убаво! Пред неколку години, Црвенковска беше гостинка на литературниот фестивал „InterLese“, кој FBK во Саксонија-Анхалт го организира секоја година, и во тоа време книгата уште немаше издание на германски, но веќе имаше преводи, бидејќи јас веќе бев почнала и можев да прочитам еден или два преводи. Децата слушаа со големо внимание, а Билјана прочита мал дел и на македонски јазик. Тоа ги фасцинираше децата. Подоцна, кога книгата веќе беше тука, повторно имавме читања во училиштата и децата беа многу возбудени. Може да се каже дека оваа детска книга кај нас е многу успешна, затоа што децата ја обожаваат. Децата сами имаат толку многу фантазија!

Навистина е голема уметност на авторката да пишува такви книги што ги допираат најмладите читатели. Некои од најмалите на моите работилници за креативно пишување, што ги спроведував во училишта, ја нацртаа Стела Дарк, па така и илустрациите се одлични и мотивирачки за децата. Некои наставници ја нарачаа оваа книга за сите деца во еден клас, па, така, приказната за Стела се чита и дискутира на часовите или се продолжува со цртеж. Стела е хероина со која децата можат да се идентификуваат и на социјален план. Кога на моите работилници за креативно пишување им читав на децата ги гледав нивните емоции, на пример, за Нино кој беше малтретиран – тука неколку деца за кратко време го симнаа погледот надолу кон својата училишна маса, бидејќи тие ја препознаа оваа ситуација на врсничко насилство. Исто така, нивните очи блескаа кога Стела беше среќна. За мене како преведувачка ова е прекрасно искуство.

На крајот, уште една лична забелешка: исто така убаво ми беше што децата поставуваа паметни прашања до Билјана и до мене, дури и во однос на преводот. – „Колку јазици зборувате?“ Тогаш некои деца со миграциска позадина раскажуваа кои јазици ги зборуваат нивните родители дома со нив. Повеќето деца растат повеќејазично. Тие искрено прашуваа и можеа да се идентификуваат со тоа што имаме различни мајчини јазици. Тоа беше убаво признавање од страна на децата, кои беа околу нас во круг и сакаа автограми на маските за телефон, на рацете или во училишните тетратки. Многу емотивно искуство!


Напишете коментар