(Кон книгата „Овде, во близина, живее едно девојче“ од Ида Млакар Чрнич и Петер Шкерл Скопје: Чудна шума, 2023)
Пишува: Ана Јовковска

Секојпат вака се чувствувам овој период од годината… како да завршувам партија егзистенцијалистички шах со животот… И додека ги правам пресметките со самата себе и со сè што ми тежеше оваа година (а имав прилично голем емоционален багаж) се досетувам дека сè уште не сум го напишала освртот за книгата Овде, во близина, живее едно девојче (Чудна шума, 2023) од Ида Млакар Чрнич и Петер Шкерл, во превод од словенечки јазик на Дарко Спасов. Ја читавме со мојот син уште на почетокот на годината. Во јануари. Во месецот од кој, всушност, почнува да се раскажува приказната за едно поинакво девојче. Ми требаа дванаесет месеци да ја преџвакам оваа емотивна и истовремено интензивна, а кротка приказна. Би рекла… тивка приказна што вреска! Ми требаше ментална сила за да му објаснам дека понекогаш и децата се сурови. Но, во последните денови од годинава нема бегање од овој текст, сплетен од болка и гнев, што треба да биде крик за еден поубав и поправеден свет. Ова не е приказната за девојчето со кибритчињата, но е слична приказна за едно поинакво детско страдање. Тивко, нечујно, безбојно…
Прекрасната илустрирана книга на Ида Млакар Чрнич и Петер Шкерл започнува во месец јануари со портретирање на девојчето кое нема светли кадрици, нема убави фустанчиња, со кое на училиште никој не сака да си игра, или, пак, кога играат со неа таа задолжително е измеќарка на другите принцези. Но, дали принцезите се навистина добри и мили? – Овие денешни принцези кои го потхрануваат кругот на врсничкото психолошко насилство.

Во февруари дознаваме дека ова поинакво девојче не е богато како другите деца во одделението. Таа живее во стара куќа, спие на кревет на два ката, нема куќичка за кукли, нема ни свој орман за фустанчиња. Во март „добрите принцези“ раскажуваат како поинаквото девојче нема своја соба и дека се срами да покани другарчиња дома на гости. Во април тие велат: „Овде, во близина, живее едно девојче кое нема пријатели. Затоа што таа не е толку фина како јас и ти. На училиште никогаш не дошла со автомобил. Само пешки. Заедно со брат ѝ. За време на одморите седи на столчето и чека тој да влезе. Во рацете држи молив и нешто чкрта во тетратката. Глупави цртки-чкртки“. Во мај дознаваме дека децата не го ни знаат нејзиното име. Не се заинтересирани да го запознаат „Другиот“ и да го отворат срцето за различните од нив. Во јуни признаваат дека никогаш не ги прифаќаат нејзините идеи, иако ретко се осмелува да ги каже гласно. Таа е толку нечујна… Како да носи наметка за невидливост. Така нечујно минуваат јули и август и доаѓа септември, но поинаквото девојче повеќе не доаѓа на училиште. Никој не прашува за неа, никој не е заинтересиран каде е, ниту дали е добра. Дознаваме само дека старата куќа, каде што живееше девојчето, ќе се урне и на истото место ќе се градат нови продавници. За принцезите, се разбира. Во октомври кога децата ќе го отворат нејзиното училишно шкафче ќе најдат папка со цртежи, a меѓу нив и цртеж на кој се насликала себеси како принцеза. Во нејзината фантазија таа не е само измеќарка. Пред самиот крај на годината, во последниот месец, декември, богатите и убави девојчиња конечно сфаќаат дека поинаквото девојче можело да биде како сите други деца, да ги има истите слободи и права, иако било сиромашно и различно. Уф… толку едноставно раскажано, а толку моќно и разорно. Оваа приказна за предрасудите и неприфаќањето на „Другиот“, за сиромаштијата и дискриминацијата, за лажниот морал и консумеристичката мантра удира силно во срцето. Сите овие месеци додека ја квачев приказната, не успеав да ја стопам грутката во грлото. На моменти дури се прашував дали и јас понекогаш сум „фината принцеза“ која има сè и која го врти погледот пред грдото лице на неправдата. Дали сите, ние, сме дел од овој трул систем на предрасуди, болки и загуби? Често замижуваме пред туѓите проблеми, дури и ние, кои себеси се сметаме за освестени граѓани и се воспитуваме да бидеме чесни, хумани, пожртвувани и солидарни. Дали само повремено ќе се сетиме на сиромаштијата и на тажните човечки судбини?

Сто милиони луѓе во светот немаат свој дом! Статистиката вели дека годишно во просек триста граѓани во нашата држава остануваат без дом. За жал, некои луѓе ги немаат ни основните човекови потреби – храна и топол дом, а уште помалку можат да размислуваат да си дозволат некои фини нешта. А тие луѓе, исто како и ние, сонуваат во боја, сакаат убава облека, добра музика, забава… Празниците се навистина најтешкиот период во годината за луѓето кои немаат. Сурово потсетување на онаа капка радост што им недостига… Овде, во близина, живее едно девојче меѓу другото нè потсетува на консумеристичката челуст што нè голта. Книгата се чита како аларм за солидарност и хуманост особено во овие претпразнични новогодишни денови. И воопшто не е излишно прашањето – ќе биде ли светот поправеден и поубав ако доминацијата ја замениме со соработка, грубото владеење со емотивни авторитети, конкуренцијата со солидарност, корпорациите со задруги, предрасудите со пријателство, егоизмот со алтруизам? Светот ќе биде ист, но ние ќе бидеме похумани во него. И ќе има помалку нечујни и невидливи деца што страдаат…
Илустрации: Петер Шкерл





Напишете коментар