Разговарала: Ана Јовковска


КНИЖЕВНОСТА ЗА ДЕЦА ИМА ПОГОЛЕМА ОДГОВОРНОСТ ОД ОНАА ЗА ВОЗРАСНИ

АЈ: На хрватски јазик ја преведовте книгата за деца Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград од авторкатаБилјана С. Црвенковска и илустраторката Нита Муча. Билјана Црвенковска вели дека „книжевноста за деца нужно мора да создава или идентификација или емпатија, а добрата книжевност за деца (онаа најдобрата) мора да те крене високо и да те нурне длабоко, да ти го освои срцето и потоа, до крајот на животот, да остане во него. Затоа, таа е најтешка за пишување“. А што е потребно за добар превод на литература за деца?

МК: Пред сѐ, сакам да ја потврдам оваа теорија на Билјана. Книжевноста за деца има многу поголема одговорност од онаа за возрасни. Нејзината цел е да им помогне на децата еден ден да станат добри луѓе кои ќе шират добрина низ светот. Истовремено, таа треба да им помогне на младите читатели да научат како да се справуваат со тешките моменти во нивниот живот.

Затоа и ние, како преведувачи, имаме многу сериозна улога кога ги пренесуваме зборовите на писателите до читателите од други земји и на други јазици. Тоа значи дека добриот преведувач, исто така, мора да чита детска литература и да поминува време со деца, за да може да преведува на јазик што ќе им биде близок и интересен, а притоа да ги запознае и со нови зборови со кои можеби претходно не се сретнале.

Ние сме земја со исклучително многу дијалекти и со различни јазични влијанија во различни региони, па така дете од Загреб не користи ист јазик како дете од Сплит или Пула.

АЈ: Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград – книга-нопак! е книга за едно посебно девојче од еден многу посебен град. Осамено сираче кое вдомува несакани суштества кои се обесправени заради нивниот изглед: стаорци, бубачки, пајаци, црни мачиња, лилјаци… но и чудовишта, а и еден многу пријателски настроен дух. Дополнително е интересно што спроти Страшкоград има уште еден град, наречен Сретково – прекрасен град во кој живеат сите убави и слатки суштества. Со овој град владее принцезата Роза. Но, ништо не е онака како што изгледа на прв поглед. Книгата има две корици, но всушност се чита одназад. Причината е што понекогаш работите треба да ги погледнеме од друг агол, за да можеме да ги разбереме. Оваа фантастична приказна им сугерира на децата дека не треба да судат според изгледот, дека треба да ги отворат срцата за оние што се различни и ги учи дека добрината, пријателството и храброста можат да се најдат и на неочекувани места. Каков преведувачки предизвик ви беше оваа необична книга?

МК: Како личност која цел живот се обидува на другите да им го доближи значењето на ставањето „во туѓи чевли“ и важноста на отвореното срце за оние што се поинакви од нас, со темата на оваа книга немав посебен предизвик. Меѓутоа, Билјана многу си играше со зборови во книгата. Не само со имињата на градовите, селатa и местата, туку и со разни епитети и фрази. Мислам дека најтешко ми беше да го одберам најдоброто решение за хрватските читатели, односно јазикот да им биде близок на децата од цела Хрватска.

Ние сме земја со исклучително многу дијалекти и со различни јазични влијанија во различни региони, па така дете од Загреб не користи ист јазик како дете од Сплит или Пула. Затоа морав внимателно да размислувам кое решение ќе им биде и јасно и интересно на сите деца во Хрватска. Тоа, можеби, беше и мојот најголем преведувачки предизвик.

На светот му недостига емпатија.

АЈ: Дете што чита е возрасен што мисли. Какви книги (би сакале да) читаат децата денес? А какви читате вие?

МК: Денес во светот ни недостига многу емпатија. Децата се соочуваат со проблеми и во реалниот и во онлајн просторот, а често не се внимава доволно на нивната психа. Родителите не секогаш ја контролираат содржината што децата ја консумираат онлајн, а телефони им се даваат уште од најрана возраст, што има сериозни последици врз нивното внимание. Крајно време е тоа да почнеме да го менуваме и, наместо телефони, да им даваме книги. Ѕвезда Мрак е феноменална приказна за деца што веќе одат во основно училиште и сметам дека може да ги научи на емпатија и на толеранција.

Читањето, сепак, треба да се негува од првиот ден. Затоа мислам дека книгите за помали деца, пред сѐ, треба да се купуваат во книжарници, а не на киосци или во супермаркети, каде што нема можност за советување со професионалци. Исто така, важно е да се посетуваат библиотеки, каде што детето само може да одбере што би сакало да чита и од најрана возраст да се негува одење во библиотеки и книжарници.

Треба да имаме на ум дека во библиотеките веќе некој водел сметка за квалитетот на литературата и дека сè што се наоѓа таму е литература од која детето може да научи како се мијат забите, како се сака другарче, како се пишува домашна работа, како се грижи за природата, но и што да се направи кога ќе се загуби некој од најблиските.

Едукативните приказни секогаш се најдобра литература за деца. Јас, во моментов, најмногу читам со моите внуци. Читаме дела на Бранко Чопиќ, Сања Пилиќ, Григор Витез, но и Билјана Црвенковска и Ване Костуранов. Освен тие приказни, во моментов читам и Максим Горки, Мои современици, а ја очекувам и книгата на Радослав Катичиќ, Нашата стара вера, за да можам да нурнам во светот на старословенските верувања.


Напишете коментар