од Владимир Лукаш

Има една светлечка мечка
која сјае како нуклеарна печка
и в ноќи низ шума кога шетка
личи на светулка што летка.
Таа мечка важна се прави,
зашто сите заби ѝ се здрави
и само се фали колку ѝ се бели:
„Како бисери се, нели?“
„Доста се фалиш, мечко сјајна,
везден се фрцкаш ко сезнајна.
Земи книга, почни да читаш,
а не само низ шума да скиташ!“
– ѝ викна мајмунката Шимпанзина
која в трк крај неа мина.
Се наведна меца ко стопена свеќа
и од ликот ѝ исчезна сета среќа.
Џабе ѝ се бели забите остри
кога од знаење таа пости.
И појде да учи кај доктор Дабарка
и стана позната забарка,
и забите на сите животни смели
оттогаш беа бисерно бели.


Од книгата „Пу за Мите, пу за сите“ во издание на Чудна шума.


Напишете коментар