Кон книгата „28 дена од животот на Бурундук“ од Иван Андрусјак и Гана Осатко, превела Вера Чорниј – Мешкова

Пишува: Елена Копртла

Украинскиот автор Иван Андрусјак напишал книга за Ивас Бондарук, момче кое сите во училиштето подбивно го нарекуваат Бурундук (инаку вид на верверичка), збирка на приказни за еден обичен, современ тинејџер кој не е добар во фубал, а и во други спортови во училиште. Ивас сака хемија и физика, нема многу вистински пријатели (освен Ивањук и Оленка Зајко) и често се наоѓа пред, за него, невозможни ситуации.

На прв момент, книгата на Адрусјак потсетува на „Били Елиот“ (2000), coming-of-age драмата на Стивен Далдри во кој протагонистот не сака да биде боксер како мажите во своето семејство, туку се одлучува дека ќе биде балетан на ужас на сите во своето окружување. Иако, Бурундук, за разлика од Били е современ тинејџер во Украина со мобилни телефони, компјутери, Фејсбук и Инстаграм и неговиот избор денес не би бил скандал, Ивас, како и Били, решава да ги предизвика зададените норми од семејството, пријателите и околината за она што се очекува од момчињата.

Поделена на четири дела – „Осум дена во животот на Бурундук“, „Креденец“, „Алхемичар“ и „Задача по физика“, низ секое поглавје читаме комични заплети, едноставни, но поучни приказни, на лесно разбирлив јазик за децата. Преминот од едно во друго поглавје и од еден дел кон друг е динамичен, како монтирани филмски сцени кои го задржуваат вниманието, што е особено важно денес за новата генерација читатели.

На почетокот, тоа е огромната желба на Ивас да се вклопи во фудбалскиот тим, иако навистина не му оди, една посета со родителите и сестра му кај баба си и една приказна за едно необично јајце кое ќе заврши во тоалетната школка; потоа за еден стар креденец во наследство од кои се слушаат чудни звуци, за кои на крајот дознаваме дека се мравки; во „Алхемичар“ тоа е приказната за Нилс Бор и експеримент во кој Ивас ќе се обиде да ја раствори златната обетка на Оленка, а во „Заљубениот Бундурук или задача по физика“ Ивас се запознава со концептот на љубовта, првата забава и првото пиво. Ивас се обидува да ги идентификува своите чувства и нагони, и како и секој тинејџер не лесно знае да ги вокализира, а тоа да испадне како што замислил.  Сепак, засега приказната за Бурундук има среќен крај.

Во „28 дена од животот на Бурундук“ Андрусјак, заедно со илустраторката Гана Осадко ги спојуваат темите на личната борба со прифаќањето од средината, односите во семејството и растењето, за тоа како децата се соочуваат и ги прифаќаат промените.


Илустрации: Гана Осадко


Напишете коментар